Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во едно интервју зборуваше и за фудбалот. Познато е дека Вучиќ е фан на Црвена ѕвезда и посакува белградските црвено-бели еден ден да играат против Динамо Загреб. Во еден таков меч, Вучиќ предвидува победа на српскиот првак.
„Едвај чекав да помине времето на Здравко Мамиќ, кога, за моја жал, Динамо беше успешен и најдобар во регионот. Среќен сум што сега Ѕвезда е фудбалскиот лидер и значајно пред хрватските клубови. Не сум сигурен дека Динамо во следните години ќе игра во Лигата на шампионите, но ако Ѕвезда испадне во Лигата на Европа, би можеле да се сретнат. Додуша Динамо сега не игра во Лигата на Европа, туку во онаа ‘лига без грижа‘. Следната сезона можно е да сретнат, а во тој меч би победила Ѕвезда. Партизан загуби од Динамо во времето на Туѓман, а сега Ѕвезда би го победила Динамо. Сите бегаат од еден таков меч, но јас се надевам дека ќе дојде до тоа и во ферплеј да победи нашиот тим“, рече Вучиќ, кој како 20-годишен, како член на „Делиите“, бил присутен на познатите нереди во Загреб во мај 1990 година, кога не се одигра мечот меѓу Динамо и Ѕвезда, а хаосот го најави и распадот на Југославија.
Инаку, Вучиќ призна дека во репрезентативниот фудбал Хрватска е пред Србија.