Бразилскиот репрезентативец Нејмар на дуелот од квалификациите за Светското првенство против Уругвај доживеа страшна повреда, поради која мораше да го напушти теренот. По извршените лекарски прегледи констатирано е дека се скинати предните вкрстени лигаменти на левото колено, а притоа има повреда и на менискусот.
При повреди на вкрстени лигаменти, фудбалерите обично паузираат шест месеци, но бидејќи тука се работи и за повреда на менискусот, предвидувањата се дека ќе биде надвор од теренот седум до девет месеци.
Тоа значи дека тековнава сезона за Нејмар е завршена и повторно ќе може да игра фудбал дури следната. Тој во моментов е фудбалер на Ал-Хилал од Саудиска Арабија и поради повреда го пропушти стартот на сезоната, а потоа одигра само пет натпревари на кои постигна еден погодок и запиша три асистенции.