За ПСЖ има одиграно само 132 минути, но неговиот дрес е најпродаван!

Јужнокорејскиот фудбалер Канг-ин Ли е фудбалерот со најпродавани дресови во Пари Сен Жермен за оваа сезона, откри францускиот новинар Абделах Булма. Ова делува чудно ако се знае дека прва и најголема ѕвезда во ПСЖ е Килијан Мбапе.

Канг-ин Ли е играчот кој летово пристигна во францускиот првак, и тоа од редовите на Мајорка за сума од 22 милиони евра. Со неговото доаѓање меѓу Светците, завладеа голема еуфорија во Јужна Кореја и воопшто во Азија, па дресот на Канг-ин Ли почна многу да се продава. Илјадници навивачи стоеја во долгиот ред само за да може побрзо да го купат дресот на Канг-ин Ли од ПСЖ.

„Доаѓањето на Ли ќе ни овозможи ширење на клубот во Јужна Кореја и тој дел од Азија. Тој е првиот голем азиски фудбалер кој игра за ПСЖ. Очигледно е дека ќе ни помогне за промоција во тој регион“, рече уште пред неколку месеци еден од директорите во ПСЖ, Себастијан Васел.

Ли, кој има 22 години и игра како крилен играч, во дресот на ПСЖ досега одигра само 132 минути бидејќи потоа се повреди.

 

- Оглас -

Најнови вести