Барселона извлече тешка победа против Жалгирис Каунас со конечни 77:72 во мечот од рамките на 22-рото коло во Евролигата. Избраниците на Светислав Пешиќ мораа добро да се намачат за 13-тата победа, а веќе вторпат сезонава слават против литванскиот состав.
Иако домаќините го стартуваа второто полувреме со 10 поени предност, во решавачкиот период Жалгирис влезе со минимални 62:60. Сепак, само 10 поени за 10 минути беа премалку за гостите од Литванија, па слободните фрлања на Ханга на 50 секунди до крајот се покажаа како решавачки.
Токму Ханга беше најефикасен за Барселона со 14 поени, 12 додаде Серафан. Во редовите на тимот од Каунас најрасположен беше Милакнис со 17 поени.
Скоти Вилбекин ја донесе 10-тата победа за Макаби во дуелот против Олимпијакос, кој заврши со минимални 65:64 во корист на екипата од Тел Авив. Кошот на четири секунди до крајот кој го реализираше Вилбекин беше негов 17-ти на средбата, а Принтезис утна шут за два поени и не успеа да го однесе мечот во продолженија.
Вилбекин можеби го реши мечот, но најефикасен за Макаби беше Тарик Блек со 19 поени, додека со по 16 поени Спанулис и Вилијамс-Гос беа најефикасните играчи на грчкиот гигант.