Најдобриот стрелец во Европа за два месеца ќе може да се купи само за 17,5 милиони евра

Екипата на Штутгарт е најпријатното изненадување сезонава во Бундеслигата. По осум кола, Штутгарт, кој минатата сезона едвај се спаси да не испадне, сега има 21 бод и е втор зад Баер Леверкузен (22 бода), а пред Баерн Минхен и Борусија Дортмунд, коишто имаат по 20 бода.

Најзаслужен за одличниот старт на Штутгарт е Серу Гираси. Напаѓачот е незадржлив и само во осум кола постигна дури 14 гола, што му го носи епитетот за најдобар стрелец во Европа. Освен 14-те голови во првенството, репрезентативецот на Гвинеја има и еден гол во Купот, плус две асистенции, со што само потврдува дека е во животна форма.

Експертот за трансфери, Фабрицио Романо, открива дека Гираси во договорот со Штутгарт има клаузула која вели дека ако некој клуб за него плати 17,5 милиони евра, голгетерот може да си замине од Штутгарт. Сепак, се верува дека Гираси е среќен во Штутгарт и тешко дека ќе сака да си замине од клубот во којшто го достигнува врвот во кариерата.

Лоша вест за Штутгарт е тоа дека Гираси го повреди бутниот мускул и се очекува да паузира во следните три недели. Пред да дојде во Штутгарт, 27-годишниот напаѓач има играно во Франција, и тоа за екипите на Рен, Амиен, Келн, Оксер, Лил и Лавал. За репрезентацијата на Гвинеја дебитираше минатата година и одигра 10 меча во коишто постигна три гола.

 

- Оглас -

Најнови вести