Денеска во просториите на Фудбалската федерација на Македонија беа одредени двојките за четвртфиналето од Купот на Македонија кое ќе се игра на осми ноември со почеток од 13 часот.
Најинтересен ќе биде дуелот меѓу бранителот на трофејот Македонија Ѓорче Петров и Силекс, кој ќе се игра во Скопје.
И двата тима имаат по три триумфа во Купот, а интересно е што овие две екипи играа во финалето во 2022 година и тогаш славеше Македонија Ѓорче Петров по подобро изведување на пенали.
Третиот тим кој во своите витрини има трофеј од Купот, Работнички (има четири триумфи), во четвртфиналето ќе игра против Шкупи.
Во останатите два дуела ќе играат Брегалница – Воска Спорт и Тиквеш – Брера Струмица, која исто така има еден триумф во Купот.