Лазаров денеска прозиваше за дуелите со Грција, го освежи стручниот штаб со хрватски тренер

Машката сениорска ракометна репрезентација на Македонија денеска го имаше првиот собир за ЕХФ неделата во која ќе одигра два контролни натпревари со Грција во Солун. Натпреварите треба да се одиграат на 4 и 5 ноември.

Селекторот Кирил Лазаров повика 22-ца ракометари и единствена новина е Никола Костески кој по подолго време се врати во репрезентацијата. Единствени кои не се појавија на собирот се Филип Кузмановски и Никола Митревски, чие доаѓање се очекува вечерва.

„Имаме пред нас пријателски натпревари на кој можеме да пробаме одредени работи и да видиме што треба да поправиме за Европското првенство каде не чека тешка група. Играме со противник кој во последните години вложува во ракометот и се квалификува на ЕП 2024, а притоа екипи од Грција излегуваат и на европска сцена. Ова значи дека ќе одиграме два квалитетни натпревари и ќе видиме до каде сме за да можеме да поправиме за тоа ЕП. Играчите се истите, но со поголемо искуство, 80 отсто од нив играат на европска сцена, и тоа за нив е голем плус. Мислам дека сите имаат сфатено што значи да се игра светски и европски ракомет, тоа искуство ќе биде голем плус за нас во репрезентацијата“, вели еден од предводниците на репрезентацијата, Филип Талески.

Лазаров одлучи да направи промени во стручниот штаб и го ангажира Хрватот Нино Павелиќ. Тој доаѓа на местото на Ице Соколовски и ќе биде задолжен за работа со голманите.

 

- Оглас -

Најнови вести