Женската фудбалска репрезентација на Шкотска се наоѓа во многу чудна ситуација во Лигата на нациите. До крајот на групната фаза од ова натпреварување има уште две кола, а Шкотска е во ситуација во последниот меч да одбере да загуби за да се радува!
Причина за ваквата бизарна ситуација е фактот дека Лигата на нации кај жените истовремено е и квалификациски турнир за место на Олимписките игри во Париз следната година. И додека Шкотска и Англија имаат одвоени репрезентации во сите натпреварувања на ФИФА и УЕФА, кога се работи за Олимписки турнир, Англија, Шкотска заедно со Велс и Северна Ирска играат како селекција на Велика Британија.
За пласман на Велика Британија на Олимиските игри се гледаат резултатите на најдоброрангираната селекција, а тоа е Англија. Тоа значи дека ако шкотските фудбалерки сакаат да се надеваат дека дел од нив ќе бидат и на Олимписките игри, мора да навиваат Англија да биде прва во својата група.
Тоа е мал проблем затоа што Англија и Шкотска се во иста група од Лигата на нации. Англија за да биде прва, ќе мора прво да ја победи Холандија, а потоа да се радува и против Шкотска!
Ситуацијата станува покомплицирана затоа што Шкотска во тоа последно коло против Англија може да биде во ситуација да мора да брка победа за да обезбеди опстанок во Сегментот А од Лигата на нациите. Тоа значи дека може да се случи на Шкотска да ѝ треба победа, но и пораз во последното коло против Англија, сè зависно од калкулациите и што е поважно во тој момент.