Кугларот Бојан Влакевски пред некој ден направи нешто што не се гледа често на патеките на коишто се кугла низ светот.
Тој играјќи за својот клуб ВФБ Халбергмос, имаше резултат дури од 758 соборени дрва, што е рекорд во историјата на германската Бундеслига, која е најсилна на светот во овој спорт. Досегашниот рекорд беше 750.
Овие 758 се и еден од најдобрите резултати за некој поединец воопшто во историјата на куглањето. Србинот Вилмош Заварко има направено 771 и веројатно тоа е рекорд, а подвигот на Влакевски сигурно е во топ 3 или топ 5 на сите времиња. За светски рекорд се смета најдобриот резултат остварен на Светско првенство, а тој официјален рекорд од 730 е далеку зад она што го направи Бојан на клупски меч, и тоа во силната Бундеслига.
Ова момче од скопската населба Ѓорче Петров кариерата ја почна во Тутунски комбинат Скопје, од каде што премина во Окта, а на домашна сцена настапуваше и за Макпетрол и Вардар 2014.
Во репрезентативната кариера има освојувано медали и за Македонија и за Хрватска, за која настапува од пред некоја година, но не е исклучено во иднина пак да го облече црвено-жолтиот дрес.