Новак Ѓоковиќ многу потешко од очекувањата го победи Талон Грикспор во второто коло на Мастерс турнирот во Париз. Повеќе од два и пол часа траеше дуелот на кој Ѓоковиќ го загуби првиот сет, а потоа успеа да направи пресврт и на крајот победи со 2:1 во сетови.
Веднаш по мечот, Србинот откри дека има проблеми со стомачни болки и дека е многу среќен што успеал да се извлече од дуелот на којшто беше пред пораз.
„Не сакам да ја девалвирам добрата игра на Талон Грикспор, беше на високо ниво и му честитам. Ако победеше, тоа ќе беше заслужено. Добро го почнав мечот, но потоа останав без енергија. Наеднаш паднав. Имав проблеми со стомакот, не се чувствував добро на теренот. Веќе неколку дена повеќе време поминувам на ВЦ школката отколку на теренот. Сепак, најдов начин да се извлечам. Бев блиску до поразот и среќен сум што успеав да ја поминам оваа препрека“, рече Ѓоковиќ по победата над холандскиот тенисер.