Победи за домашните екипи на последните два натпревари од 13-тото коло на Првата македонска фудбалска лига, кои се одиграа попладнево.
Во големото дерби на “Чаир“, Шкупи без поголеми проблеми дојде до победата над Вардар со 2-0. Резултатот го отвори Арби Воша во 25-тата минута, а предноста ја удвои интернационалецот од Гана, Исак Кука, во 74-тата минута.
Вардар се обидуваше да извлече поволен резултат од тешкото гостување во градското дерби, но едноставно во моментов толку се силите на најтрофејниот македонски фудбалски клуб.
На вториот дерби дуел кој се одигра денес, оној крај Охридското езеро, екипата на Струга со голем пресврт ја совлада Шкендија со 2-1. Тетовци во 54-тата минута од мечот дојдоа во водство од 0-1 преку косовскиот интернационалец Ендрит Красниќи, кој беше успешен реализатор на најстрогата казна. Сепак, во 62-рата минута Шкендија остана со играч помалку на теренот, откако нивниот најдобар фудбалер, Ералдо Чинари, беше исклучен.
После исклучувањето, фудбалерите на Струга како да добија крилја, па направија пресврт за само две минути, од 73-тата до 75-тата. Најпрво фудбалерот од Буркина Фасо, Басиру Компаоре, израмни на 1-1, а потоа прецизно стрелаше и репрезентативецот Марјан Радески.
После 13-тото коло, екипата на Шкупи е осамен лидер на табелата со 28 поени, еден повеќе од бранителот на трофејот, Струга. Шкендија сега падна на третата позиција и останува на 25 поени. Следуваат Силекс со 20 бодови, Брера, Тиквеш и Работнички имаат по 16, Македонија ЃП и Гостивар по 15, во зоната за бараж е Брегалница со 14 бодови, додека на најнепосакуваните две последни позиции се Воска со 13 и Вардар со 11 поени.