На голманот на Пари Сен Жермен, Џанлуиџи Донарума, вечерва му се подготвува „топол пречек“ од фановите на неговиот некогашен клуб Милан.
Донарума, кој кариерата ја почна во Милан и се наметна како еден од најдобрите млади голмани во Европа, одби да остане во клубот иако имаше добра понуда и како слободен играч бесплатно премина за повеќе пари во ПСЖ, а навивачите не му го простуваат тој трансфер.
Донарума еднаш веќе беше исвиркан на „Сан Сиро“ во Милано, и тоа додека бранеше за националниот тим на Италија.
Вечерва освен гласни свирежи, подготвена е и кореографија во чест на Џиџи. Навивачите на Милан ќе фрлаат лажни банкноти долари со ликот на Донарума.
„Доларрума“, „Човек без чест“, „Платеник“ се зборовите кои може да се сретнат на банкнотите на кои во средина е ликот на Донарума.
„Од една страна, тој можеби не заслужува да го спомнеме, но неговото однесување во последните месеци не смее да остане незабележано. Покажува непочитување кон навивачите и кон клубот во којшто порасна и кој го лансираше во светот на фудбалот. Од фудбалска точка, тој не ни недостасува, го имаме Маињан, кој е 100 илјади пати посилен, но ни фалат пари од трансферот, а со тие пари Милан ќе можеше да го засили составот. Тешко дека може да му простиме. Затоа ќе му приредиме топло добредојде, со сите почести“, порачаа навивачите со сарказам во изразувањето.