По одигрувањето на синоќешните натпревари од Лигата на шампионите, ги имаме првите две екипи кои обезбедија пласман во осминафиналето, но и три кои сигурно во февруари нема да ги гледаме во најквалитетното европско клупско натпреварување.
Манчестер сити и Лајпциг по победите над Јанг бојс и Црвена ѕвезда, веќе и теоретски обезбедија пласман во осминафиналето, со оглед на тоа дека Граѓаните имаат максимални 12 бода, а Лајпциг три помалку и теоретски не можат да бидат стигнати од своите конкуренти.
Две од трите екипи кои испаднаа се токму во нивната група. Јанг бојс и Црвена ѕвезда имаат само по еден бод и во последните две кола ќе водат битка за третата позиција, која носи утешна награда и европска пролет, но во Лигата на Европа.
Третата екипа која е веќе испадната е белгиски Антверпен, кој со нула бодови е закован на дното на табелата во групата Х, но и со минимални шанси за пласман и во Лигата на Европа, со оглед на тоа дека третопласираниот Шахтар има шест бода на две кола до крајот.