Кошаркарските прволигаши денес го комплетираа седмото коло, после кое екипата на МЗТ Скопје е осамена на врвот, иако својот меч го одигра во четвртокот. Ваквиот епилог следува после победата на Гостивар на домашен терен над Чаир со 89-84, со што ги симна од делбата на првата позиција.
Кожув после долго време се израдува на победата, откако вечерва во Гевгелија беше совладан составот на Вардар со убедливи 78-57. Овој натпревар траеше цели три часа, откако поради проблеми со семафорото, мечот беше прекинат повеќе од еден час. Сепак, екипите беа упорни тој да се доигра вечерва, што и на крајот се случи.
Горан Самарџиев ја забележа првата победа на клупата на Работнички, откако вечерва на гостувањето во скопската населба Кисела Вода го совладаа фенерџијата Академија ФМП со убедливи 98-68.
Највисоката победа ова коло ја забележаа кошаркарите на кавадерчки Еуро Никел, кои на домашен терен го растурија составот на Охрид со 100-59 и се искачија на втората позиција на табелата.
На последниот натпревар, кој се очекуваше да биде дерби на колото, Пелистер во Битола го победи ТФТ со 87-70.