Динамо Загреб двапати водеше, но на крајот одигра нерешено 2:2 на гостувањето во Риека, меч кој беше дерби на 15-тото коло во хрватското првенство. Македонските интернационалци Стефан Ристовски и Аријан Адеми ги одиграа сите 90 минути за хрватскиот првак, но на крајот навивачите на Модрите не беа задоволни од ремито, на кое најмногу се израдуваа во Хајдук, кој е лидер на табелата.
Моментално во хрватското првенство Хајдук има 33 бода од 15 меча, Риека е втора со 28 бода од 14 средби, а Динамо е дури трет со 24 бода, но од 13 одиграни натпревари.
Според анализата во хрватскиот портал „Индекс“, за да се „разбуди“ Динамо од летаргичноста, играчите треба да ги следат постапките на Ристовски и Адеми. При постигнување на вториот гол на Динамо, со кој гостите поведоа со 2:1, како што објаснува порталот „Ристовски почна лудачки да гестикулира кон Бед Блу Бојси, а Аријан Адеми во налет на адреналин со нога ја удри рекламата и ја скрши“. На тој начин фудбалерите би ги извадиле од себе целиот бес и фрустрациите што ги имаат насобрано од последните неколку мечеви и потоа би се обиделе да ја „свртат сезоната“ во своја корист.