Иако останаа само уште два дена до датумот предвиден за одигрување на мечот Бугарија – Унгарија од квалификациите за ЕП 2024, до пладнево беше неизвесно каде ќе се игра дуелот.
Првично средбата требаше да се игра во Софија, но по најавите за инциденти и големи протести против Бугарскиот фудбалски сојуз на чело со претседателот Боби Михајлов, раководството на БФС реши мечот да се игра во Пловдив.
Градот Пловдив уште стои како место на одигрување на официјалниот сајт на УЕФА, но средбата нема да се игра таму, планирано беше деновиве стадионот да се реновира, иако првично дадоа дозвола.
Варијанта беше стадионот на Арда во градот Крџали. Градоначалникот на Крџали дозволи да се игра таму, но иако во Крџали има убав стадион, нема аеродром во близина, ниту хотел кој ги исполнува потребните стандарди.
Противниците на Михајлов велат дека каде и да се игра, ќе бидат околу стадионот и ќе му го загорчат животот.
Најлоша варијанта за нашиот источен сосед беше мечот воопшто да не се одигра и Бугарите да бидат исклучени, а Унгарците во таков случај ќе добиеја службена победа.
Мечот сепак дефинитивно ќе се игра, и тоа на националниот стадион „Васил Левски“ во Софија, без публика, а полицијата ќе треба да се погрижи за она што ќе се случува околу стадионот.