Црвена ѕвезда стигна до третата победа во кошаркарската Евролига, откако во дуел од осмото коло, убедливо со 87:56 го победи Фенербахче. За турскиот тим ова беше само трет пораз во осум средби сезонава, а втор во последните пет дена и двата во Белград.
Минатата недела Фенербахче во драматичен меч беше поразен од Партизан со 85:84, а сега повторно во „Штарк арената“ немаше никакви шанси против Црвено-белите. Црвена ѕвезда уште од самиот старт поведе со 12:6, а до крајот на првата четвртина домаќините стигнаа до девет поени предност (25:16).
Фурозно продолжи Црвена ѕвезда и во втората четвртина, па стигна и до 20 поени предност (43:23). Во второто полувреме не само што во ниту еден момент не беше доведена во прашање победата на домашниот тим, туку на крајот Црвено-белите стигнаа до убедливи 31 поен предност.
Во останатите мечеви кои се играа вечерва: Монако – Анадолу Ефес 82:89, Макаби Тел Авив – Олимпијакос 74:79, Валенсија – Реал Мадрид 73:76, Виртус – Милано 86:79 и Црвена ѕвезда – Фенербахче 87:56.