Кевин-Принс Боатенг пред неколку месеци ја заврши играчката кариера. Овој 36-годишен искусен играч имаше возбудлива кариера настапувајќи за многу клубови, па беше дел од Херта, Тотенхем, Борусија Дортмунд, Портсмут, Џенова, Милан, Шалке, Лас Палмас, Ајнтрахт Франкфурт, Сасуоло, Барселона, Бешикташ, Фиорентина и Монца.
Со искуството што го има стекнато работејќи под многу различни тренери, некогашниот репрезентативец на Гана верува дека Пеп Гвардиола нема да биде тренерот кој ќе доминира во следниот период. Роберто де Ѕерби е првата опција на Боатенг за тоа кој ќе биде најдобар тренер во следните 20-30 години во светот.
Де Ѕерби, кој има 44 години, во кариерата бил на чело на екипите на Дарфо Боарио, Фоџа, Палермо, Беневенто, Сасуоло и Шахтар, а оваа сезона го предводи англискиот премиерлигаш Брајтон. Токму Брајтон е најпријатното изненадување во Премиер лигата сезонава, а секако дека Де Ѕерби има голема заслуга за тоа.
„Да ми беше тренер Де Ѕерби пред 10-12 години, ќе играв друг фудбал. Мислам дека тој ќе биде најдобриот тренер во следните 20-30 години. Тој прави секој фудбалер да напредува. Со него работев кога имав 32 години и се чувствував посилен од кога било. Знаеше како да ме мотивира. Размислува за човечноста, што е клучен елемент“, вели Боатенг.
Гвардиола засега го има приматот за најдобар тренер. Шпанецот предводејќи ги екипите на Барселона, Баерн Минхен и Манчестер сити досега во кариерата освои дури 36 трофеи, но сепак ако се прашува Боатенг, Де Ѕерби е подобар тренер од Гвардиола.