Трет пораз по ред за младите фудбалери во квалификациите за ЕП

Фудбалската репрезентација на Македонија до 21 година го доживеа третиот пораз во четвртиот меч од квалификациите за ЕП 2025.

На комплексот на ФФМ, избраниците на селекторот Драги Канатларовски се поразени од Грузија со 0:1. Единствениот гол го постигна Саба Маматашвили во 54-тата минута.

По четири одиграни меча во квалификациите, Македонија со три освоени бода се наоѓа на петтото место на табелата во групата Ц, а победата ја оствари на стартот против Шведска. Грузија по триумфот дојде до 10 бода од натпревар повеќе и е второпласирана, веднаш зад лидерот Холандија, која има максимални 12 бода.

Во првото полувреме младите фудбалери упатија само еден шут од далечина кон голот на Харатишвили, а единствено возбудување беше во финишот, кога дојде до кошкање меѓу фудбалерите.

Во второто полувреме, Грузијците беа подобри, ја презедоа иницијативата и таквата игра вроди со плод во 54-тата минута, кога Маматашвили го постигна единствениот гол.

Македонија имаше шанса во последните моменти од мечот, во 88-мата минута шутот на Илиевски од гол-линијата го запреа грузиските дефанзивци.

Следниот меч во квалификациите за ЕП 2025 младите фудбалери ќе го одиграат идната година (21 март) против Гибралтар, кој нема освоено ниту еден бод.

За пет дена, избраниците на селекторот Канатларовски во Риед ќе одиграат пријателски натпревар против Австрија.

- Оглас -

Најнови вести