Барди и Елмас едногласни: „Од никого не се плашиме, па ни од Италија“

Капитенот Енис Барди и неговиот заменик Елиф Елмас со оптимистички најави од официјалната прес-конференција во пресрет на утрешниот натпревар од квалификациите за Европското првенство против Италија. Двајцата се едногласни, Македонија не се плаши од никого, па ни од Италија.

„Натпреварите од Палермо и Скопје се историја и поттик за сите нас, иако овој меч утре е сосема нешто ново, нов натпревар, нов предизвик. Со самото тоа што сме тука е мотивот кај сите нас. Италија мора да победи, но и ние мора да дадеме максимум и да докажеме дека имаме квалитет и овој натпревар да биде патоказ дека сме на правиот пат. Ќе играме за да ги направиме сите да се гордеат со нас“, вели Енис Барди.

Слично размислува и Елиф Елмас, кој настапува во италијанската Серија А за екипата на Наполи, а го анализира и селекторот на Италијанците, Лучано Спалети, со кого ја освоија шампионската титула минатата сезона.

„Очекувам да го покажеме тоа што и досега сме го играле со Италија, не било случајно. Од никого не се плашиме, одиме по нов добар резултат. Овој натпревар е важен за Италија, но тоа е нивен проблем, ние си гледаме за себе и не ми е гајле каков притисок има Италија. Ние ќе се обидеме да победиме! Добро го знам селекторот на Италија, тој игра висок пресинг и тоа што го правеше со нас во Наполи ќе го прави и со репрезентацијата. Но, ние сме тука да ги изненадиме“, рече Елиф Елмас.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести