Репрезентацијата на Австралија имаше одличен старт на квалификациите за пласман на Светското првенство 2026 кое ќе се одржи во САД, Канада и Мексико. Тие ја совладаа селекцијата на Бангладеш со убедливи 7-0, а сега им претстои дуел против Палестина на неутрален терен во Кувајт.
Австралијците во пресрет на мечот против Палестина се одлучија дел од своите бонуси за настапот и победите за репрезентацијата да ги донираат за настраданите во Палестина, а тоа ќе го сторат преку организацијата Оксфам.
– “Тешко ни е да замислиме во каква ситуација се наоѓаат палестинските играчи и што овој натпревар значи за нив. Како воопшто можеш да ги натераш да играат фудбал.“ – вели репрезентативецот на Австралија, Џексон Ирвин.
Ситуацијата во таборот на Палестина ја опишува селекторот Макрам Дабуб.
– “Без разлика дали сме на тренинг или во хотел, играчите 24 часа поминуваат на телефон и следат што се случува. Кога се во прашање потешки случаи, како смрт на деца, цивили или нивното семејство, тоа ги мотивира да реагираат и да остварат победа, како би донеле барем малку среќа за палестинскиот народ. И покрај болката, постои надеж.“ – вели тунижанецот на клупата на Палестина.
Репрезентацијата на Палестина квалификациите за Светското првенство ги започна со реми без голови, 0-0, против Либан.