Кошаркарите на Пелистер го доживеаја и вториот пораз на балонот од јадранската АБА-2 лига, откако вечерва загубија од домашниот Златибор со 84-76. Битолчани играа одлично речиси во текот на целиот натпревар, со исклучок на последните минути, кои на крајот се покажаа како клучни за поразот.
Откако првиот период заврши нерешено, 17-17, Пелистер ја доби втората четвртина со 19-14 и замина на паузата со водство од 36-31. Златибор го доби третиот период со минимални 23-22, но во одлучувачката четвртина беа далеку подобри (30-18) и успеаја да запишат победа која ги искачи на првата позиција на табелата во АБА-2 лигата после пет кола.
После вториот балон од регионалното друштво, Пелистер е 10-ти со ефект од две победи и три порази. Најдобропласиран македонски клуб е МЗТ Скопје, кој е петти со три победи и два порази, додека ТФТ е 13-ти, претпоследен, со само една победа и четири порази.