Првиот дел од квалификациите за Европското првенство е пред самиот крај, а веќе се познати 17 од 24-те учесници на шампионатот во Германија. Денес ќе бидат познати уште, а утре ќе се одлучува и последниот учесник кој преку групите ќе се пласира на Европското првенството. Последните три места се резервирани за победниците од баражите кои ќе се одржат во март следната година.
Денес возбудувања ќе има во Чешка, каде што на домашната селекција ѝ е потребно барем нерешено против Молдавија за пласман во Германија. Шанси имаат и Молдавците, кои ќе мора да направат подвиг и да победат за да се пласираат првпат во нивната историја на Европско првенство.
Слично ќе биде и во Љубљана, каде што на Словенија ѝ потребен бод против Казахстан за пласман на Европското првенство, но доколку гостите победат, тоа значи дека Казахстанците ќе дебитираат на континенталниот собир.
Во нашата група, Украина и Италија ќе го дадат вториот учесник во мечот кој ќе се одигра на неутрален терен во Леверкузен. Двете репрезентации имаат по 13 бода, но Италија победи на првиот и потребен ѝ е само бод за да има подобар меѓусебен дуел, а со тоа и да се пласира на Европското првенство. На Украина и одговара само победа.
Овие шест репрезентации вечерва ќе се борат да им се придружат на веќе пласираните 17. На Европското првенство во Германија, освен домаќинот, пласман веќе обезбедија и: Белгија, Франција, Португалија, Шкотска, Шпанија, Турција, Австрија, Англија, Унгарија, Словачка, Албанија, Данска, Холандија, Романија, Швајцарија и Србија.