Капитенот на Македонија, Енис Барди, даде гол со кој нашата репрезентација одигра 1:1 против фаворизираната Англија. По мечот, Барди објасни дека посакува селекторот Благоја Милевски да остане на чело на националниот тим.
„Со селекторот Милевски направивме многу добри работи и во репрезентацијата до 21 година и сега во овој момент. Мислам дека се познавме добро и дај Боже да продолжиме да соработуваме заедно. Не ги знам деталите од неговиот договор, само знам дека го почитувам многу и имам голем респект за него“, рече Барди по мечот.
Барди шутираше пенал кој го промаши, но од одбиената топка успеа да погоди.
„Знаевме дека ќе биде тежок натпревар против Англија. Знаеме која е Англија и какви фудбалери имаат. Мислам дека во последниов натпревар оваа година одигравме заедно и со сите сили. Зборувавме цела година како треба да се игра за репрезентација, да се излезе на терен и да се остави срцето. Така беше денеска и на крајот го зедовме тој бод кој многу нѐ радува. Една мала Македонија заслужено зеде бод против Англија и мислам дека ова е знак за иднината. Можеме против секој да се натпреваруваме“, додаде капитенот Барди.