Ракометарите на Алкалоид вторпат се поразени од данскиот Бјерингбро Силкеборг, овојпат во многу подобра претстава и поблаг пораз од 35-31. За потсетување, Алкалоид во Скопје само пред седум дена загуби со 23-31 од истиот противник.
Вицешампионот на Македонија одигра одлично прво полувреме, резултатски се држеше и на паузата замина со негатива само од еден гол, 17-16 за Бјерингбро Силкеборг. Клучни беа првите 11 минути од второто полувреме, кога Алкалоид не успеа да постигне погодок, а домашните ракометари со серија од 6-0 заминаа на позитива од +7, односно водство од 23-16.
Данските ракометари оваа предност успеаја да ја сочуваат до крајот, иако избраниците на Кире Лазаров постојано се обидуваа резултатски да се вратат, но сè што направија е само да намалат на три гола разлика. На крајот победата заслужено им припадна на ракометарите на Бјерингбро Силкеборг со 35-31.
Најефикасен на натпреварот беше Марко Митев со девет гола.
Следен предизвик за ракометарите на Алкалоид ќе биде гостувањето во Нови Сад, кај Војдовина, меч кој е закажан за 28 месецов, односно следниот вторник.