Екипата на Алкалоид нема шанси да се бори за едно од првите две места во групата од ракометната Лига на Европа, но тоа не значи дека нема мотиви за докажување кај младите играчи предводени од тренерот Кирил Лазаров. Македонскиот вицепрвак денеска од 18:45 часот ќе гостува во Нови Сад кај Војводина.
Екипата на Војводина е шампион на Србија, а квалитетот го покажа пред еден месец во „Јане Сандански“, кога славеше над Алкалоид со 31:26. Војводина со победа ќе биде сигурна за следната фаза, што е мотив повеќе за домашниот тим.
Сепак и нашите ракометари најавуваат голема борба. „Нѐ очекува голем предизвик. Војводина е сериозен противник, но ние сме подготвени и мотивирани да излеземе на терен и да се надигруваме“, вели Иван Галевски во пресрет на денешниот меч во Нови Сад.
Алкалоид има само еден бод освоен на гости кај Ла Риоха и моментално е на последното место на табелата, каде што Војводина и Силкеборг имаат по 6 бода, а Ла Риоха е со три освоени бода.
Според понудата во Sport Life, Војводина не треба да има проблем да победи, а хендикепот е поставен на 5,5 гола. Дури 16 мечеви се играат денеска во Лигата на Европа во ракомет.