Ракометарите на Алкалоид доживеаја пораз во петтото коло во групната фаза во Лигата на Европа, откако вечерва загубија во Нови Сад од Војводина со 34:29.
По пет кола во својот дебитантски настап во европските натпреварувања, Алкалоид остана на еден освоен бод.
Српскиот тим, пак, со победата си обезбеди пласман во нокаут-фазата.
Алкалоид во првите дваесетина минути се држеше на еден до два гола негатива, по што Војводина за четири минути направи серија 4-1 и поведе со 12:8, а на пауза се замина со предност на домашниот тим од пет гола (16:11).
Дилемите околу победникот беа решени во стартот од второто полувреме, кога Војводина поведе со седум гола разлика и до крајот не мечот рутински ја одржуваше предноста.
Мохамед Азиз со девет гола беше најдобар кај Војводина, додека кај Алкалоид се истакнаа Мартин Серафимов со осум, Марко Митев со шест и Марко Стојковиќ со пет гола.