Најдобриот стрелец во Бундес лигата сезонава, Србинот Лука Јовиќ е на пат кон Барселона. Според најавите, фудбалерот на Ајнтрахт Франкфурт е пред трансферот на кариерата. Според германските медиуми, агентот на Јовиќ веќе бил во Барселона и ги договорил личните услови за трансфер на „Камп Ноу“ во летниот преоден рок.
Јовиќ е незадржлив во Германија. Сезонава, во 19 меча даде 14 голови, а имаше и четири асистенции. Во просек, дава по еден на 93 минути поминати на теренот. Овие бројки беа доволни за фокусот на големите европски клубови да го насочат кон Јовиќ.
Освен Барселона, за Србинот се интересираат и Баерн Минхен, Реал Мадрид, Челзи, но агентот на напаѓачот, се договорил со каталонскиот гигант. Сега останува само двата клуба да се договорат околу висината на откупната клаузула. Според проценките, вредноста на Јовиќ е околу 40 милиони евра, но нема да биде чудно ако Ајнтрахт Франкфурт бара и повеќе пари за да го продаде нивниот најдобар играч.
Јовиќ официјално е играч на Бенфика, но на позајмица во Ајнтрахт. Германскиот клуб е во добитна позиција, бидејќи на крајот од сезоната може да го откупи договорот за 12 милиони евра, а потоа да го продаде Јовиќ за многу поголема сума.
На Барселона потребен и е голгетер, бидејќи сезонава единствен вистински гол реализатор е Луис Суарес, па дури нема ни соодветна замена доколу Уругваецот се повреди.