Велшкиот фудбалер, Арон Рамзи, потпиша четиригодишен договор со Јувентус, а играчот на Арсенал официјално ќе стане член на италијанскиот шампион на 1 јули 2019 година.
Преминот на 28-годишниот Рамзи во Јуве се најавуваше неколку месеци, а денеска стана и реалност. Тој ќе биде третиот Велшанец што го носел црно-белиот дрес на „старата дама“ од Торино, после Џон Чарлс и некогашната европска „златна копачка“, Иан Раш.
Рамзи кој лекарските тестови ги мина во јануари, во Јуве ќе заработува 400 илјади фунти неделно, што е најголема плата за еден фудбалер од Велика Британија. Тој во Арсенал беше 11 години, а ќе си замине како слободен играч, без клубот од северен Лондон да добие пари за отштета. Сепак, Велшанецот вети дека до крајот на сезонава, на секој натпревар на Арсенал ќе го дава својот максимум.