Фудбалската федерација на Турција на неодредено време ги одложи претстојните натпревари во сите лиги во оваа земја.
Причина за суспензијата на фудбалот во Турција е синоќешниот тежок инцидент, кога претседателот на Анкарагучу, Фарук Коџа, го нокаутира судијата Халил Умут Мелер, а откако падна на земја, судијата беше клоцан од неколку лица.
Натепаниот Мелер е еден од најдобрите турски судии во моментов, тој пред две недели делеше правда и на мечот на Лацио и Селтик од Лигата на шампионите.
Федерацијата го осуди нехуманиот и ѕверски напад, а јавна осуда дојде и од претседателот на државата, Реџеп Таип Ердоган, кој порача дека спортот треба да значи мир и братство и дека во спортот не смее да има насилство.