Сензационални најави од Србија: Никола Јокиќ ќе игра на Олимпијадата во Париз?

Само пред околу два месеца репрезентацијата на Србија стигна до сребрениот медал на Светското кошаркарско првенство, иако најдобриот играч од НБА-лигата, Никола Јокиќ, одби да настапува за државната селекција. Сега, на неколку месеци пред Олимписките игри во Париз, пристигнуваат сензационални најави од соседството, а тоа е дека Србите со Никола Јокиќ во репрезентацијата ќе атакуваат на олимпиското злато.

„Треба да се земе предвид дека до светското сребро стигнавме без НБА-шампионот и МВП, Никола Јокиќ, потоа без МВП на Евролигата, Василије Мициќ, како и Никола Калиниќ. Екипата се обедини и го извлече најдоброто од себе. Горд сум и на Новак Ѓоковиќ, како и на светското злато на Ивана Шпановиќ. Инаку, можам да најавам дека во Париз ќе играат сите, па и Никола Јокиќ. Игрите во Париз ќе бидат голема забава“, вели легендарниот кошаркарски тренер, а сега претседател на Олимпискиот комитет на Србија, Божидар Маљковиќ.

Сепак, за ваквите најави веднаш пристигна демант од самиот кошаркар, кој вели дека сè уште не одлучил дали ќе игра на Олимпијадата.

„Некои луѓе ми ставаат зборови во уста, кажуваат дека нешто сум рекол. Прв кој ќе дознае дали ќе играм, ќе биде селекторот. Секогаш разговарам со семејството и клубот по сезоната“, изјави Никола Јокиќ.

- Оглас -

Најнови вести