Агентите на фудбалерите во 2023 година заработиле рекордни 888,1 милиони долари како провизии од трансферите, објави Светската фудбалска федерација (ФИФА).
Оваа сума е за 42,5 отсто поголема во однос на минатата година, а за повеќе од една третина е поголема од рекордната заработка која беше остварена во 2019 година, соопшти ФИФА.
Агентите најмногу заработиле од премиерлигашите, кои платиле дури 280 милиони долари провизија, а на второто место се наоѓаат екипите од Саудиска Арабија со 86 милиони долари.
Според ФИФА, заработката на агентите е поголема бидејќи во нејзиниот извештај не се вклучени трансферите направени во иста лига и за кои исто така им следува провизија на агентите.
ФИФА со новите правила кои ги донесе годинава ја ограничи провизијата за агентите, но тие правила се оспорени пред судовите во Англија и Германија. Затоа ФИФА доби поддршка од Судот за спортска арбитража во Лозана, кој смета дека нивните правила се легитимни.