При денешната ждрепка за осминафиналето на Лигата на шампионите, УЕФА имаше рестрикции за тоа кој со кого може да се падне. Забрането беше да играат екипи од иста земја, но и екипи кои играле во иста група.
Сепак, навивачите останаа изненадени кога беше извлечен ПСВ Ајдохен, а на екраните се појави црвено кај Реал Мадрид, што значеше дека екипата од Холандија не можеше да игра против “кралскиот“ клуб.
Иако на прв поглед изгледаше дека тоа е грешка, сепак тоа не беше така. Причината за ваквата ждрепка беше Баерн Минхен, кој се уште не беше извлечен, а доколку се случеше ПСВ да се падне со Реал, тогаш како можни противници на Баерн Минхен ќе останеа само Борусија Дортмунд и Копенхаген. Во тој случај ждрепката ќе беше неважечка бидејќи Баерн и Борусија се од иста земја, а “баварците“ и Копенхаген играа во иста група.