Унгарскиот кошаркар Адам Ханга, кој утре во дресот на Црвена ѕвезда ќе се сретне со својот поранешен клуб Реал Мадрид од кој летоска дојде во белградските Црвено-бели, во интервју во пресрет на мечот, рече дека е воодушевен од чувството на сигурност додека се шета навечер низ српската престолнина.
„Синоќа околу 20 часот со семејството и кучето се прошетав и ми беше необично, бидејќи секогаш сме живееле надвор од град, а тука сме во центар. Имаше многу луѓе. Мислам дека луѓето на Запад имаат некое погрешно мислење за Источна Европа, Балканот, па и Унгарија, дека не е безбедно да се шета. Убаво беше да се види во 20-21 часот како има деца и постари лица кои се шетаат надвор. Би рекол дека е побезбедно отколку во Шпанија. На пример во Барселона, во 20 часот подобро е да не одиш сам по Ла Рамбла и да не се шеташ наоколу“, вели Ханга.