Партизан стигна до деветата победа во 15 коло на кошаркарската Евролига откако славеше на гости кај Валенсија со 72:67. За Црно-белите ова е петта победа по ред и тоа е единствениот тим кој има само триумфи во последните пет кола.
Добро започнаа гостите од Белград и во текот на целата прва четвртина беа во водство. Валенсија покажа сила во втората четвртина, па на полувреме замина и со предност од еден поен (34:33). Сепак, во второто полувреме Партизан повторно заигра многу подобро и во еден момент стигна до предност и од девет поени (51:42).
Највисоката предност на гостите беше 55:44 на почетокот на последната четвртина и иако Валенсија постојано се обидуваше да ја анулира негативата, гостите од Белград успеаа да стигнат до победа која ги одведе до четвртото место на табелата во Евролигата.
Реал Мадрид стигна до 14 победа откако без многу мака славеше на гости во Белград против Црвена ѕвезда со 72:58. Само во првата четвртина Црвено-белите даваа отпор, за да потоа Реал стигне до двоцифрена предност на полувреме и потоа рутински ја чуваше позитивата и стигна до сигурен триумф.
Во останатите мечеви кои се играа вечерва: Алба Берлин – Барселона 74:70, Макаби Тел Авив – Басконија 89:81 и Виртус – Олимпијакос 69:67.