Лапорта: Барселона го обожава Меси, ќе направиме сѐ што ќе побара

Кога во летото 2021 година Лионел Меси реши да си замине од Барселона и да потпише за Пари Сен Жермен, тоа беше еден од најголемите шокови во историјата на фудбалот. До тој момент беше речиси незамисливо Меси да носи дрес на некој друг клуб, но откако тоа се случи, стана јасно дека Аргентинецот решил да ѝ каже збогум на Барселона.

По две години поминати во ПСЖ, Меси си замина, а иако постоеше опција да се врати во Барселона, капитенот на светскиот првак реши да си замине и од Европа и потпиша за Интер Мајами во САД. Откако заврши сезоната во САД, повторно се отвори прашањето за доаѓање на Меси како позајмен играч во Барселона, но и таа опција отпадна.

„Имаше многу опции, но на крајот не се случи враќањето. Меси ни даде логично објаснување за неговите одлуки. Поради притисокот што го имаше во ПСЖ, реши да си замине од Европа и трансферот во Мајами му донесе стабилост. Ја почитуваме неговата одлука. Ние сме отворени за сѐ што ќе посака. Меси е најдобриот фудбалер во историјата, го почитуваме, го обожаваме и заслужува да му се поклониме во Барселона. Не знам дали тоа ќе се случи кога ќе се вратиме на „Камп ноу“ на крајот од 2024 година или кога стадионот целосно ќе биде завршен во 2026 година“, вели првиот човек на Барселона, Жоан Лапорта.

 

- Оглас -

Најнови вести