Македонскиот зет го победи МЗТ Скопје

Кошаркарите на МЗТ Скопје го доживеаја третиот пораз во АБА2-лигата откако вечерва загубија од Спартак со 81:86.

По седум кола, МЗТ Скопје се наоѓа на делба на петтото место заедно со Подгорица, додека Спартак заедно со Златибор и Широки имаат најдобар учинок во АБА2-лигата со шест победи и по само еден пораз.

Одлучувачки момент за победата на Спартак беше третата четвртина откако во првото полувреме се играше израмнета кошарка (37:42). Третиот дел го доби Спартак со 27:18 и во последните 10 минути влезе со предност од 14 поени (55:69).

Во последната четвртина, Металците се обидоа да се вратат во игра, на две минути до крајот дојдоа до минус осум (72:80), во Ворку не беше прецизен по што Спартак во следниот напад постигна поени преку Соколовиќ и ги реши дилемите околу победникот.

Во редовите на Спартак, одлична партија прикажа македонскиот зет и поранешен играч на МЗТ Скопје, Андрија Бојиќ. Бојиќ кој е сопруг на актерката Јана Стојановска, постигна 18 поени, додека во редовите на МЗТ Скопје најрасположени за игра беа Расел со 16, Војдан Стојановски со 15 и Баковиќ со 12 поени.

Следниот натпревар во АБА2-лигата, МЗТ Скопје ќе го игра на 30 јануари идната година против Шенчур.

- Оглас -

Најнови вести