Македонската ракометна репрезентација ја комплетираше првата фаза од подготовките за Европското првенство кое за помалку од две неедели ќе стартува во Германија. По 10-тина дена поминати во Стара Пазова во Србија, експедицијата се враќа во Скопје, каде ќе следува мини одмор за новогодишните празници, а потоа се продолжува со полна пареа до почетокот на континенталниот собир.
Капитенот Никола Митревски кој поради клупски обврски последен се приклучи на подготовките, е задоволен од досега покажаното како и од контролните дуели против Црна Гора.
„Овие осум-девет дена беа малку понапорни, се работеше на физичка и тактичка подготовка. Тренинзите беа напорни, сите го дававме својот максимум, бевме уморни, но најважно атмосферата беше на високо ниво, имаше простор и за дружење, заеднички игри и малку релаксација. После двата тренинг натпревари помеѓу нас, одигравме натпревар против Црна Гора, резултатот беше во втор план, ние се прикажавме во добро светло, игравме сите. Иако бевме малку уморни, успеавме да им дадеме многу голови, да трчаме, да постигнуваме голови од транзиција и да победиме една репрезентација како што е Црна Гора. Иако беше без двајца-тројца играчи, сепак има многу други ракометари кои играат во најдобрите лиги и имаат големо интернационално искуство“, анализираше Митревски.
Македонија на ЕП е во група со домаќинот Германија, светската велесила Франција и Швајцарија. Само првопласираните две селекции од групата ќе продолжат во следната фаза.