Светското првенство во пикадо дојде до самиот финиш. Вечерва се игра финалето, а ќе се сретнат Лук Литлер против Лук Хумфрис. Ако за Хумфрис може и да се очекува да стигне толку далеку, тогаш вистинска сензација е Литлер. Тинејџерот, кој има само 16 години, првпат е дел од еден ваков светски собир и на изненадување на сите, успеа да стигне до финалето.
Во денешното финале, улогата на фаворит му се препушта на поискусниот Хумфрис, кој е третопласиран на светската ранг-листа. Литлер е дури на 164-тото место според ова рангирање и токму затоа ова што го прави 16-годишниот тинејџер е чудо во светот на спортот.
Интересно е дека двајцата финалисти се знаат од претходно и имаат играно пикадо на турнир во една локална биртија пред четири години. И тогаш двајцата биле финалисти, а на крајот победил постариот Лук. По финалето, двајцата финалисти направиле заедничка фотографија, која сега е хит.
4 years ago, 12-year old Luke Littler faced Luke Humphries in a local pub competition! 😳
Tomorrow they play each other in the final of the PDC World Darts Championship 🤯
Who wins the final? 🏆🎯 pic.twitter.com/x3qqdAhvJH
— SPORTbible (@sportbible) January 2, 2024
Влогот во финалето на Светското првенство е огромен затоа што победникот ќе биде награден со 550.000 евра. Литлер во полуфиналето со 6:2 го елиминира Крос, додека Хумфрис не му даде никакви шанси на Скот Вилијамс и го победи со максимални 6:0.