По голема борба од два и пол часа, Ѓорческа елиминирана на стартот од Австралија опен

Македонската најдобра тенисерка, Лина Ѓорческа е елиминирана уште во првото квалификациско коло на Австралија опен. Ѓорческа за противничка ја имаше Катарзина Кава од Полска и по голема борба во меч кој траеше речиси два и пол часа, загуби со 2:1 во сетови.

Во првиот сет двете тенисерки имаа проблем да добијат гем на свој сервис. Кава поведе со 3:0, но Лина се врати и освои четири гема по ред за предност од 4:3. Нашата тенисерка водеше и со 5:4 и имаше сервис за да го добие првиот сет, но не успеа. Лина ги загуби следните два свои сервиси и противничката го доби сетот со 7:5.

Неизвесно беше и во вториот сет, со тоа што овојпат тенисерките беа многу посигурни на својот сервис. На 3:3, Ѓорческа успеа да направи брејк и поведе со 4:3, што беше доволно на крајот да го добие сетот со 6:4 и беше најава за решавачки трет сет.

Во третиот сет бепе израмнето 3:3, потоа Кава поведе со 4:3 и успеа да направи брејк за 5:3. Следуваше најдолниот гем во кој Ѓорческа имаше пет брејк-топки, но не успеа да освои ниту еден поен од тие пет шанси, па полската тенисерка на крајот го доби гемот за конечни 6:3 во решавачкиот трет сет.

- Оглас -

Најнови вести