Многу македонски љубители на ракометот, меѓу нив има и од оние најредовните кои патуваат секаде за да им дадат поддршка на нашите спортисти на големите настани, останаа без можност да дојдат до билети за мечот Македонија – Франција во Дизелдорф.
Билетите се продаваа како блок, за двата вечерашни мечеви, па Германците навалија да ги грабнат билетите за да постават светски рекорд по посетеност на ракометен меч, иако многумина од нив нема ни да дојдат на првиот меч на Македонија со Франција.
Фалангата ќе се појави во солиден број, но мал за стадион со толкав капацитет. Најавите се дека многу македонски навивачи ќе заминат само во Берлин и своето вистинско лице ќе го покажат таму, каде ќе играме со Германија и Швајцарија. За дуелите во Берлин особено последниот, полесно можеа да се набават билети, па препознатливата атмосфера нашите фанови ќе ја прават во главниот град на Германија, додека денеска ќе биде само загревање.