Ракометната репрезентација на Македонија заедно со Франција утре од 18 часот со меѓусебниот дуел на Европското првенство ќе испишат историја.
Тоа ќе биде натпревар кој ќе се игра пред рекорден број навивачи, Европската ракометна федерација објави дека се продадени дури 53.000 влезници за првите два меча на ЕП кои ќе се играат на „Меркур Шпил арена“ во Дизелдорф.
Ова е фудбалски стадион кој за потребите на ЕП беше пренаменет во ракометна арена и Македонија ќе ја има честа да игра на првиот натпревар.
Селекторот Кирил Лазаров е задоволен што токму Македонија ќе биде дел од историјата.
„За нас голема е честа што ќе бидеме дел од историски натпревар, да играме пред 55.000 навивачи и тоа треба да биде голем мотив за нашите ракометари. Ова е одлично за ракометот како спорт, ако некој знае да организира ваков настан, тогаш тоа сигурно се Германците. Сите знаеме против кого играме, Франција според мене е најсилна репрезентација на ова ЕП, но нашата цел е да се прикажеме во добро светло. Сите сакаат да гледаат спектакл и ние не смееме да потфрлиме“ изјави Лазаров.