Ракометната репрезентација на Македонија денес го започнува осмиот настап на Европските првенства, седмо во низа. Нашата репрезентација на континенталните собири до сега има одиграно вкупно 34 натпревари, на кои забележавме осум победи, шест нерешени средби и 20 порази. И гол-разликата е негативна – 835 дадени голови наспроти 941 примен.
Се започна во сега веќе далечната 1998-ма година, кога Македонија за првпат се пласира на Европско првенство и воопшто на голем репрезентативен собир. Генерацијата предводена од Пепи Манасков тргна од претквалификациите и како првопласирана заврши пред Белорусија и Луксембург, а во главните квалификации заврши како втора позади Хрватска, а пред Романија и Португалија. На Европското првенство одигравме само едно реми, против Русија, и го освоивме последното место во групата, а потоа загубивме и од домаќинот Италија во борбата за избегнување на последната позиција.
За вториот настап на континенталните шампионати чекавме цели 14 години и генерацијата на Кире Лазаров, која во 2012-тата година се пласира на првенството во Србија, каде и го оствари најголемиот репрезентативен успех со освојувањето на петтата позиција. Македонија најпрво во Ниш победи против Чешка, играше нерешено против Шведска, а минимално загуби само од Германија, што беше доволно да се мине во следната фаза. Во втората рунда несреќно загубивме од Данска и пропуштивме шанса за историски пласман во полуфиналето, па победите над Полска и Србија беа доволни само за третото место и борба против Словенија за пласман на петтата позиција, меч што на крајот и го добивме. На ова првенство Македонија го имаше и најдобриот стрелец на првенството, Кире Лазаров со 61 погодок, апсолутен рекорд во историјата на европските првенства во тој момент.
На следните три Европски првенства, во Данска 2014, Полска 2016 и Хрватска 2018, Македонија успеваше да ја мине групната фаза, но највисок дострел ни е 10-тото место на првенството во Данска, додека на оние во Полска и Хрватска ги завршувавме на 11-тата позиција.
Последните два шампионати за нас беа резултатски неуспешни. Во Австрија 2020 и Унгарија 2022, не успевавме да ја минеме ниту првата фаза, па така во 2020-тата завршивме на 15-тата позиција, додека пред две години во Унгарија на катастрофалното 22-ро место, што воедно е и наш најслаб пласман во сите учества на Европските првенства.
Пласман на Македонија на ЕП:
1998 Италија 12. место
2012 Србија 5. место
2014 Данска 10. место
2016 Полска 11. место
2018 Хрватска 11. место
2020 Австрија 15. место
2022 Унгарија 22. место
2024 Германија ?
Биланс на Македонија на ЕП:
натпревари: 34
победи: 8
нерешени: 6
порази: 20
гол-разлика: 835:941