Првиот човек на Панатинаикос, контроверзниот Димитрис Јанакопулос, во свој стил и без зборови, туку со „дело“ го искоментира однесувањето на екипата на Олимпијакос, која не се појави во второто полувреме на средбата со градскиот ривал во Купот на Грција.
Јанакопулос, кој е најказнуваниот кошаркарски работник во Европа, откако дозна дека Олимпијакос нема да намера да го доигра мечот кој го губеше со 25:40, замина кон празната клупа на противникот и на местата каде што седеа играчите и стручниот штаб на тимот од Пиреја стави црвена женска долна облека. Со тоа сопственикот Димитрис сакаше симболично да им порача на противниците дека се како жени и кукавички бегаат од дуел на паркетот.
Потоа Јанакопулос даде и изјава за медиумите, во која кажа дека Олимпијакос цело време планирале да се повлечат, однапред се предале, немаат пари да ги исплатат кошаркарите, но пред јавноста сакаат да прикажат дека судиите им се виновни за неуспехот.