Ракометната репрезентација на Франција забележа нова победа на ЕП, овојпат над Австрија, со која и дефинитивно обезбедија пласман во полуфиналето на континенталниот собир кој се одржува во Германија.
Французите со победата од 33:28 над Австрија во претпоследното коло од групата 1 во главната фаза и математички си обезбедија една од првите две позиции на табелата кои носат пласман во полуфиналето.
Интересно е што ова е прв натпревар од вкупно шесте кои досега ги одиграа Французите да имаат негатива на полувреме (15:16). Досега на два меча имаа нерешен резултат на полувреме, против Швајцарија (14:14), со која на крајот одиграа нерешено, и против Хрватска (34:32).
Во второто полувреме, Французите веднаш направија серија од 4:0, со која ја презедоа контролата врз играта и резултатот. Дилемите околу победникот беа решени на пет минути пред крајот, кога по голот на Никола Карабатиќ, Франција поведе со 30:26 и рутински го приведе мечот до крајот за конечни 33:28.
Лудовик Фрабрегас и Дика Мем со по седум гола беа најдобри кај Франција, додека Лукаш Хутечек и Николас Билик со шест гола ја предводеа листата на стрелци кај Австрија.
Во последното коло во групата 1 од главната фаза, Франција за два дена ќе игра против Унгарија, додека Австрија ќе игра против Исланд.