Слабиот настап на ракометната репрезентација на Хрватска на Европското првенство и елиминацијата во главната фаза се доволни за јавноста да бара смена на селекторот Горан Перковац, а веќе се знае дека едно легендарно име нема шанси да седне на селекторското столче.
Иако фановите сметаат дека поранешниот селектор на Македонија и тренер на Вардар, како и тренер на Загреб, Веселин Вујовиќ, треба да добие шанса, потпретседателот на хрватската федерација, Зоран Гобац, не мисли така.
„Во хрватскиот ракомет има доволен број тренери кои можат да бидат селектори. Го ценам Вујовиќ како тренер и како човек, но едно е да се биде тренер на Загреб, а друго селектор на Хрватска. Никој не разговарал со Вујовиќ околу можноста да биде селектор, ниту ќе разговара. Перковац беше поставен за селектор од страна на Лино Червар кога беше координатор, а Вујовиќ сигурно никогаш нема да биде селектор“, изјави Гобац.