Медиумите веднаш му најдоа нов клуб на Клоп, тренерот кој прави чуда во Бундеслигата е логично решение за Ливерпул

Фудбалска вест број еден денеска е одлуката на Јирген Клоп на крајот од сезоната да ја напушти клупата на Ливерпул, а медиумите веднаш почнаа со шпекулациите кој ќе биде следниот тим на Германецот и кој ќе ги предводи Црвените следната сезона, а засега решението го гледаат во Бундеслигата.

Германските медиуми веќе му најдоа нов тим на Клоп, тоа е Баерн Минхен, каде што актуелниот тренер Томас Тухел потроши голем дел од „кредитите“, испадна од Купот на Германија, а во Бундеслигата заостанува четири бода зад Баер Леверкузен и доколку не ја освои титулата во домашниот шампионат и не стигне далеку во Лигата на шампионите, сигурно ќе добие отказ.

Од друга страна, медиумите очекуваат Ливерпул од следната сезона да биде предводен од неговиот поранешен играч, а сега тренер кој прави чуда во Бундеслигата, Чаби Алонсо.

Баер Леверкузен под палката на Алонсо игра фантастично, лидер е во Бундеслигата со 48 бода и е единствен тим во петте најсилни европски лиги кој сè уште нема пораз.
Алонсо е под договор со Баер, но има клаузула според која може да си замине доколку го сакаат екипите во коишто настапувал како играч, тоа се Реал Мадрид, Баерн Минхен и Ливерпул.

Медиумите немаат дилеми дека Ливерпул ќе ја искористи оваа клаузула и ќе тргне по потписот со Чаби Алонсо.

- Оглас -

Најнови вести