Европската ракометна федерација ЕХФ, потврди дека шведската федерација поднела официјална жалба на судењето на Славе Николов и Ѓорѓи Начевски на полуфиналето на ЕП против Франција, а замерките на Швеѓаните кон македонските арбитри не се само за (не)регуларноста на феноменалниот гол на Елоим Пранди со кој Французите се изборија за продолженија.
Франција е финалист на ЕП, Шведска ќе мора да игра за трето место, а малку фалеше да биде обратно. Швеѓаните вината ја бараат кај судиите.
Шведска се жали за четири судиски одлуки во финишот.
Најпрвин, на истекот на 58-мата минута при 26-24 за Шведска, Ремили ја испрати топката во аут, а судиите топката ја доделија на Франција, по што следуваше акција со која Дескат погоди за намалување на 25-26.
Потоа на почетокот на последната минута, при 27-25 за Шведска, Ремили направил фаул во напад според Швеѓаните, но судиите досудиле фаул во полза на Франција, која после тајм-аутот намали на 26-27. На девет секунди до крајот на Готфридсон му е поништен гол за 28-26 поради чекори, а Швеѓаните тврдат дека голот е регуларен.
„Французите не се бунеа после голот на Џим, само судиите видоа некакви чекори“, рече шведскиот репрезентативец Феликс Клар.
На крајот, откако истече времето, Пранди од слободен удар погоди за 27-27, а Швеѓаните тврдат дека голот е нерегуларен и не е во склад со правилата, па требало да поништен.
„Голот 100 проценти требаше да биде поништен. Пранди ја подигна левата нога. Чувствуваме дека судиите сакаа да победи Франција“, рече Клар, додека Џонатан Карлсбогард се чуди зошто судиите не го користеле ВАР мониторот за да ги гледаат спорните моменти.
ЕХФ денеска ќе одлучува за жалбата на Шведска, но речиси никакви се шансите мечот да биде преигран.
https://twitter.com/i/status/1750947581876727995