Кошаркарите на Црвена звезда го совладаа Партизан во дербито на 18-тото коло во АБА-лигата со 88:86 и направија голем исчекор кон освојување на првото место на табелата со што ќе си ја обезбедат предноста на домашен терен во текот на целиот плејоф.
Херој на Црвена звезда и нов миленик на Делиите е Бразилецот Јаго дос Сантос кој поените за победа ги постигна на три секунди пред крајот на мечот.
Мечот во „Штарк арената“ помина во тензична атмосфера, а се започна со излегувањето на паркетот на тренерот на Партизан, Жељко Обрадовиќ, кој беше навредуван од домашните навивачи, а тензично беше и на теренот.
Се тргна од преагресивната игра во одбрана на Зек Ледеј над Милош Теодосиќ, што не му се допадна на бекот на Црвено-белите и влезе во вербална расправија, а во финишот на првата четвртина преграсивно во битка за топка влегоа Кевин Пантер и Јаго дос Сантос.
На теренот, натпреварот беше пресликан од претходните меѓусебни дуели, едниот тим доминираше во првиот дел, Црвена звезда во еден момент имаше предност и од 21 поен (46:25), а другиот со одлична игра во второто полувреме успеваше да внесе неизвесност, па така беше и вечерва. Првото полувреме им припадна на Црвено-белите кои направија предност од 17 поени предност (55:38).
Кошаркарите на Црвена звезда предноста ја одржуваа во третата четвртина, а Црно-белите кам-бекот го направија во последната четвртина и по тројката на Аврамовиќ дојдоа до минус осум (81:73). Црвено-белите во следниот напад преку Недовиќ ја вратија двоцифената предност, но кошаркарите на Партизан не се предадоа и со тројката на Камински и трите слободни фрлања на Пантер, намалија на 83:79 на 85 секунди до крајот.
Гиедраитис во следниот напад ги реализира двете слободни фрлања, а Аврамовиќ на 31 секунда до крајот погоди тројка за 85:82. Црвено-белите ја загубија топката во следниот напад, по што Аврамовиќ на 15 секунди до крајот преку Аврамовиќ погоди едно од двете слободни фрлања за 85:83, а идентичен учинок имаше и Недовиќ на спротивната страна.
Џејмс Нанели на 11 секунди до крајот ги погоди трите слободни фрлања и го израмни резултатот (86:86).
Човек на одлука за Црвено-белите беше Јаго дос Сантос кој на три секунди до крајот постигна поени за триумф на лидерот.
Дос Сантос постигна 13 поени, а Адам Ханга даде 15 за Црвена звезда, додека кај Партизан најпрецизен беше Џејмс Нанели со 19 постигнати поени.