Кристијано Роналдо и Карим Бензема, кои во дресот на Реал Мадрид заедно освоија четири титули во Лигата на шампионите, можеби повторно ќе играат во ист клуб.
Според реномираниот француски спортски весник „Лекип“, Бензема решил да остане во Саудиска Арабија, но наводно ќе си оди од Ал-Итихад и ќе се пресели во клуб од престолнината Ријад, со кого веќе водел преговори.
Четири саудиски прволигаши се од Ријад, а меѓу нив и Ал-Наср на Роналдо. Ал-Ријад и Ал-Шабаб немаат буџет за да си дозволат толку скапо засилување, што значи дека најреално е Бензема да заигра за Ал-Наср на Роналдо и Садио Мане или за најсилниот тим во лигата, Ал-Хилал, кој во нападот ги има Александар Митровиќ и Нејмар.